Српски турист загина во тепачка во Охрид
Момчето од Србија, што било на одмор со друштво во Охрид, од здобиените повреди од тепањето починало на пат кон Охридската болница каде тоа е однесено мртво и врз него ќе се прави обдукција.
Од Охридската болница јавуваат дека во хируршкото одделение бил донесен другар на убиениот, исто од Белград на 34 години, што бил повреден во инцидентот. Дежурниот хирург Томе Гиноски не извести дека момчето било удирано со тап предмет во главата, од што имало лесни повреди. По дадената медицинска помош, тоа е пуштено на домашно лекување и е надвор од животна опасност.
Причината за масовната тепачка со трагичен крај се уште се испитува, за што во Охридската полиција рано утрото биле викнати на разговор 30-тина лица, учесници во инцидентот, од обезбедувањето на клубот и очевидци, кои се уште со во полициската станица.
Неофицијално се дознава дека тепачката се случила меѓу две скрвавени страни, од едната туристи од Србија, од друга домаќините од Охрид, но за тоа се чека на
официјална потврда.
Во овој централен дел на Охрид, кој е најфреквентен во доцните ноќни часови, кога таму врие од млади кои се забавуваат во градот по полноќ посебно во летниот период, често има тепачки, инциденти, крв на улица, полициски возила и приведени, но ваква трагедија се случува прв пат.